За нас

КОЈА Е НАШАТА ЦЕЛ?

Нашиот проект делува во самата срж на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 и новиот Закон за социјална заштита

Општата цел е да се поддржи долгорочното и одржливо вклучување на лицата со попреченост како еднакви и активни граѓани во своите заедници и во целото општество, преку поддржување и зајакнување на спроведувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027.

Конкретната цел е да се поддржи основањето и да се подобри достапноста на социјалните услуги во заедницата ширум земјата, и да се намали бројот на децата и возрасните лица со попреченост долгорочно сместени во резиденцијалните установи за социјална заштита.

ШТО ВИ НУДИМЕ?

Нашиот проект за техничка помош нуди поддршка за спроведување на Законот за социјална заштита преку изработка на подзаконските акти и правилниците, воспоставување ефективен национален систем за следење и оценување на социјалните услуги во заедницата; исто така, нашиот проект ќе го поддржи и среднорочното оценување на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 со нејзиниот Акциски план.

Нудиме широк спектар на активности за градење на капацитетите; 25 обуки со бодување за стручните работници за социјална заштита од центрите за социјална работа, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, единиците на локална самоуправа, Заводот за социјални дејности, постојните државни и приватни даватели на социјалните услуги и институциите од другите сектори; нудиме и директна техничка поддршка на терен за давателите на социјалните услуги на локално ниво.

Понатаму, нашата поддршка и нашите напори ќе ги насочиме кон изработка на општинските социјални планови заради подобрување на достапноста на социјалните услуги во заедница, како и кон техничката поддршка за воспоставување или проширување на социјалните услуги на локално ниво. Учествуваме и во координираната работа на ДЕУ и МТСП врз Стратегијата за деинституционализација. Освен тоа, имаме и сеопфатна стратегија за видливост и комуникација, со која ги промовираме активностите и спроведуваме кампањи на локално и национално ниво.

КОЛКУ ДОЛГО ЌЕ ВЕ ПОДДРЖУВАМЕ?

Проектот за техничка помош започна во мај 2019 г. и ќе продолжи да Ве поддржува сè до октомври 2021 г.

КОЈ ЈАЗИК ЌЕ СЕ КОРИСТИ?

Англискиот е официјалниот јазик за комуникација прифатен во рамките на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“. Сепак, ќе обезбедиме македонски превод на сиот наставен материјал, како и толкување на македонски на сите наши настани.

КОИ СЕ КОРИСНИЦИТЕ / ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ?

Главниот корисник е Министерството за труд и социјална политика (МТСП) (www.mtsp.gov.mk), како и центрите за социјална работа, општините, Агенцијата за вработување, Заводот за социјални дејности, постојните и потенцијалните нови лиценцирани даватели на социјалните услуги од секторот за социјална заштита. Договорниот орган е Делегацијата на Европската Унија во Скопје (www.eeas.europa.eu). Проектот го спроведува ЕПТИСА (www.eptisa.com).

Наши директни корисници, првенствено, се стручните работници за социјална заштита од Секторот за социјална заштита, коишто ќе добиваат техничка помош и ќе се вклучат во активностите за градење на капацитети, заради подобрување на своите вештини и способности, со цел да се унапредат и модернизираат социјалните услуги на локално ниво.

Останати релевантни засегнати страни се и Министерството за локална самоуправа, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, како и граѓанските организации.

Најважно од сè, ефектот од нашиот проект ќе го почувствуваат лицата кои живеат со попреченост, нивните семејства и заедници.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ВАС?

Ќе ни биде драго доколку благовремено ни одговорите на поканите за учество во нашите активности, и ни дадете повратна информација за нив. Ќе контактираме над 700 стручни работници за социјална заштита за да се вклучат во нашата процена на потребите од обука. Ве молиме, пополнете го анкетниот прашалник на: https://bit.ly/3pzLoZd.

Над 300 испитаници што ќе го пополнат прашалникот ќе земат учество во нашите обуки.

Преку нашите активности за видливост, пак, ќе досегнеме до уште поголем број на лица.