Живот во тоа на „з“

Одамна живеам во з. Многу години, децении веќе, на животот надвор се сеќавам како низ магла. Добро е, не е лошо. Има ред овде. Се знае кога се станува, кога се јаде, кога се легнува. Некој ден ќе ти се погоди ручекот, некој ден вечерата, што ќе ти дадат – ќе јадеш. Важно никој не е гладен. Можеш да прошеташ во дворот кога е време за шетање, да одмориш кога е време за одмор, можеш да научиш да направиш некој ѓердан, честитка или торбичка, кога ќе дојде ред за тоа. Понекогаш ги убедувам другите да гледаме спорт на телевизија. Почесто гледаме спотови, повеќето цимери сакаат музика. Во спалната сме неколкумина, некои доаѓаат, некои се селат во други делови од зградата, ретко некој си оди. Имаме кревети, некои имаат и шкафче. Мене и на други не ни треба ни фиока, немаме што да чуваме во неа, за алиштата се грижат вработените.  А тие ни помагаат, се грижат да бидеме најадени и облечени, чисти, здрави и на сигурно. Тоа е најважно од се’ – да сме здрави и заштитени. Надвор е поопасно, може да направиш грешки, да паднеш во искушение или во лошо друштво. Некои луѓе нема да те разберат, ќе ти се потсмеваат, ќе те искористат, ќе те натераат да направиш нешто лошо. Некогаш не’ носат на прослава, натпревар или изложба, некои години одиме и на одмор. Заедно одиме, во група, и тогаш навистина некои луѓе не’ гледаат со чудење, дури и со малку страв. А, признавам, би сакал да можам да шетам кога сакам, да одам на кафе или во ресторан, да разгледувам по тезгите на пазар или по излозите на продавниците. Всушност, сакам да не живеам во з., да имам свој дом или барем соба, шкаф со алишта што сам сум ги одбрал, да имам решо, па самиот да си варам кафе кога ќе ми се пие. И да имам фрижидер, да го отворам, да видам што има и да одберам што да јадам. За тоа морам да работам, да заработувам, ама не знам дали би нашол работа. Убаво ми велат, кој би ми дал работа мене?

Како мислите што сум направил за да живеам во з.? Ништо, така сум роден. Што? Ах, не, не сум во затвор. Живеам во завод. Завод за лица со интелектуална попреченост.

***

Приказната погоре не е лична, ниту се однесува на некого конкретно, ама не е ниту измислена. Таа е приказ на стварноста наповеќе од 200 наши возрасни сограѓани и сограѓанки со попреченост, сместени во три социјални установи за долгорочно сместување, кај нас именувани со терминот „завод“. Заводите, односно установите се специјализирани за „рехабилитација“ на одредена „категорија“ – лица со физичка или интелектуална попреченост и се лоцирани во згради за колективно живеење, вообичаено на периферијата од населените места.

Установите не се специфични само за нашата земја. Тие се одраз на доминантното сфаќање за потребната грижа за лицата со попреченост кон средината на дваесеттиот век, кога се сметало дека тие не можат да се „вклопат“ во општеството и дека е најважно да им се обезбеди засолниште, безбедност, храна и грижа, првенствено медицинска. Повеќе стотици илјади луѓе со различна попреченост ширум Европа сеуште живеат во резиденцијални установи, сегрегирани од општеството и соочени со исклучување и дискриминација.

Современиот свет, пак, ја гледа попреченоста како дел од човековата разноликост. Денеска разбираме дека пречките што го отежнуваат учеството на лицата со попреченост во општественото живеење не лежат во нивните карактеристики. Имено,јавниот и општествениот простор не се приспособени кон потребите на лицата со попреченост, ниту пак заедниците во кои живееме им обезбедуваат соодветна поддршка за да го развијат целокупниот свој потенцијал. На пример, за мобилноста на едно лице бариерата „лежи“ во недостатокот на количка, лифт или непристапноста на автобусот, а не во неможноста да ги мрда нозете. Развојот на технологијата нуди нови, до неодамна незамисливи, можности за олеснување на интеракцијата со околината на лица кои се соочуваат со физичка или интелктуална попреченост или оштетувања на видот, слухот или говорот.

Следствено, обезбедувањето социјална заштита не смее да биде на начин што ќе ги исклучи лицата со попреченост од заедницата поради нивните физички или ментални карактеристики. Тие треба да добиваат различни социјални услуги онаму кадешто живеат, кадешто припаѓаат и имаат изградено лични односи со други лица и се свои на своето – во средината кадешто се најсилни. Овие услуги треба да почиваат на принципите на индивидуалност и најдобар интерес на корисниците и да целат кон нивно зајакнување.

Преминот од институционална кон грижа во заедницата за лицата со попреченост (и за други лица кои имаат потреба од трајна или привремена поддршка: стари лица, болни и изнемоштени, деца без родители или родителска грижа и сл.) се нарекува деинституционализација. Европската комисија во својот последен извештај за Северна Македонија за 2021 година констатира дека овој процес во изминатите години бележи „вистински напредок“. Нашата земја е една од ретките во поширокиот регион на Југоисточна Европа, во која ниту едно дете под 18 години, со или без попреченост, не е сместено во резиденцијална установа. Згрижувањето, како алтернатива, нуди можност децата без родители да растат во семејна средина. Малите групни домови за деца и услугата „живеење со поддршка“ за возрасни лица со попреченост нудат 24 часовна грижа од негуватели и стручни лица, во живеалишта кои не се разликуваат од соседството. Се развиваат услугите лична асистенција, помош и нега во домот, одмена на семејната грижа, се зајакнуваат и осовременуваат дневните центри и професионалната рехабилитација.

Деинституционализацијата, односно вложувањето во развојот на социјалните услуги во заедницата за лицата со попреченост не е прашање на милосрдие. Тоа е инвестиција за просперитетно општество во иднина, бидејќи зајакнувањето на лицата со попреченост им дава можност активно да придонесуваат за благосостојбата на својата заедница. Тоа е долг и макотрпен процес што заеднички треба да го изодиме, но само замислете колку светов би бил посиромашен без придонесот на Стивен Хокинг.

Јакнењето на инклузивноста на општеството нуди придобивки не само за лицата со попреченост, туку буквално за сите. Да продолжиме да ги надминуваме заводите и да градиме инклузивни заедници.Така, животот во тоа на „з“ ќе биде подобар за сите, ако оптимистички ја искористиме коинциденцијата дека на македонски јазик и „завод“ и „заедница“ се зборови на „з“.

Честит 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост!

Автор: Владимир Лазовски, консултант за инклузија и попреченост, Министерство за труд и социјална политика

Проект: Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги

Прилогот е дел од нашата националната кампања за подигање на јавната свест за „невидливите“ попречености „Ставете не на вашиот ѕид“. Прилогот беше објавен во весникот Слободен печат на 3 декември 2021.