Проекции на документарниот филм „Беласица“ низ Северна Македонија

Со поддршка од Европската куќа во земјава, документарниот филм Беласица се прикажуваше на 30 ноември во Крива Паланка и на 5 декември во Струмица.

Во интимна атмосфера во Европските куќи и во двата града, докуменарниот филм не ја остави публиката рамнодушна. Смеа и воздишки за главните протагонисти и многу прашања за животот во заедница на лицата кои успешно го поминале процесот на деинституционализација.

Вчера, во Кинотека на Репубика Северна Македонија, во срдечна и весела атмосфера, се одржа проекција на филмот, за штитеници и давателите на грижа во Специјалниот завод во Демир Капија, и деинституционализираните жители на центрите во Волково и Неготино, со кои управува Порака-Неготино. Со големо внимание и воодушевување, дел од нив се видоа и на големото платно, како протагонисти во документарниот филм.

Филмот, го следи и го доловува богатото секојдневие на живеењето во заедница, за луѓето кои го поминале најголемиот дел од својот живот во институции. Го следи секојдневието на Марица и жителите на Центарот за згрижување лица со интелектуална попреченост во Волково.

Филмот е во режија на Марија Апчевска, а во продукцијата беа вклучени кинематограферите Ѓорѓи Клинчаров и Фејми Даут, монтажерот Горан Вукич и дизајнерот на звук Игор Поповски.