БИПОЛАРНО НАРУШУВАЊЕ

Бојана работи во основното училиште во Демир Капија веќе 25 години. Таа е една од омилените наставнички меѓу учениците. „Таа е уникатна“ – ќе ви кажат многу од нив, “но некогаш нерасположена“. Прекрасна, паметна, отворена, со стил и директна, но често провокативна. Да, таа сака внимание и знае како да работи со учениците. Но таа не знаеше, ниту останатите, дека промените во расположението не се нејзини карактерни особини, туку нешто друго.

На Бојана скоро и беше дијагностицирано биполарно нарушување, 20 години од првото манифестирање. Терапијата и помага да одржи емотивна рамнотежа, која во изминатите години и влијаеше на здравјето, комуникацијата и релациите со околината.

Многу години, семејството, пријателите, колегите ја прифаќаа и ја сакаа заради нејзиниот уникатен карактер. Никој не помислил дека има ментално нарушување. Промени на расположението се случуваа два-три пати годишно, траејќи месец или два, но нејзината биполарност не беше отворено дискутирана. Никој не се сомневал.

Промените на расположението беа тежок период за Бојана и причина за стрес за оние кои ги сака. Влијаеа на сите аспекти на нејзиниот живот, вклучувајќи ја и работата. Нејзиниот карактер и однесување се менуваа драстично – таа стануваше вознемирена и параноична, сомневајќи се дека некој ја следи и дека нејзиниот телефон е прислушуван. Таа беше немирна додека траеја промените, измачувана од несоница и хиперактивност. Перформансот на работа беше намален и нејзината комуникација со учениците и колегите беше тешка. Таа беше гласна, напната, со чувство дека никој да не ја разбира. На почетокот епизодите не беа долги и се враќаше во типичното секојдневие.

Нејзините блиски пријатели и семејство ја тешеа и поддржуваа, но тие стануваа се по фрустрирани бидејќи не можеа да ѝ дадат вистинска помош и комфор. Некои предлагаа професионална помош, но таа беше бесна и одбиваше да биде видена како „луда“.

Ова продолжи две децении, а епизодите стануваа понапнати и подолги, по што Бојана прифати да се види со педагог, а потоа и со психијатар. Иако доцна, одлуката да прифати професионална помош ѝ донесе целосна промена на животот, како и на оние околу неа. Со препишаната терапија брзо ги препознава знаците, го контролира нарушувањето и однесувањето. Таа може да се прифати себеси, да го објасни нејзиното нарушување на другите и да добие поддршка и разбирање.

Со вистинската дијагноза, Бојана, личност со интелектуална попреченост, е високо функционална, а со вистинскиот третман таа продолжува да придонесува во заедницата, на огромно задоволство на учениците.

Забелешка: Приказната, сите имиња, ликови и инциденти прикажани во оваа статија се измислени. Без намера или потреба од идентификација со вистински лица (живи или починати), или места.

Препознавање и третман на Биполарно нарушување

Биполарното нарушување е познато и како манично-депресивна болест бидејќи се карактерзира со епизоди на манија- екстремна активност и расположеност и епизоди на депресија. Иако секој од нас доживува промени на расположението, доколку тоа не ни влијае на дневните активности, не е биполарно нарушување. Депресијата не е биполарно нарушување иако некои од симптомите се слични. Главната разлика е што кај биполарното нарушување има епизоди на манија и депресија, како и екстремни промени на расположението.

Точната причина за биполарно нарушување се уште не е позната. Вообичаено започнува во тинејџерските или рано адолесцентски години, фактори на ризик се хормонална нерамнотежа, генетика, екстремна траума при несреќа или дрога. Може да постои со заедно со други болести, како што се депресија со психоза или шизофренија.

Дијагностицирањето е критичен чекор за квалитетот на животот на пациентите, како и на нивните семејства. Во Северна Македонија има Упатство за медицинското згрижување при биполарно растројство од 2015 година, кое препишува протокол за третман. Психијатар дава дијагноза и комбинација на лекови, терапија и советување. Когнитивно-бихејвиоралната терапија може да биде многу ефективна во третирање на нарушувањето.

Главна цел на третманот е да се намали фреквентноста и степенот на нарушувањето за лицето да може да ги врши дневните активности, како и да ужива во животот дома и на работа. Недобивањето третман или негово прекинување, може да ја влоши состојбата или да предизвика релапс. Во некои случаи, симптомите може да се појават неочекувано и лицето да не биде свесно или да не може да ги контролира. На крај, третманот може да превенира себе повредување или самоубиство.

Автори: Али Мисими, проектен менаџер и Маша Живоиновиќ, експерт за комуникации

Проект: „Добивање живот“ – Деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија

Прилогот е дел од нашата националната кампања за подигање на јавната свест за „невидливите“ попречености „Ставете не на вашиот ѕид“. Прилогот беше објавен во весникот Слободен печат на 3 декември 2021.