Симпозиум „Реформи за промена“
На 15 декември 2022, се одржа симпозиумот „Реформи за промена“, воедно и завршен настан на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, финансиран од Европската Унија. Во рамките на настанот се одржа и Саем на лиценцирани даватели на социјални услуги.
Во присуство на 160 професионалци кои делуваат во системот на социјална заштита на централно и локално ниво, даватели на социјални услуги на локално ниво, претставници на институции, меѓународни организации и на амбасади во земјава беа презентирани постигнатите резултати од Проектот, особено во делот на деинституционализација на социјалната заштита, на воспоставувањето социјални услуги на локално ниво, на зајакнување на капацитетите на општините во доменот на социјалната заштита, како и на зајакнување на капацитетите на давателите на услуги и на процесот на лиценцирање. Во изминативе четири години проектот заеднички работеше со Министерството за социјална политика, Заводот за социјални дејности, Делегацијата на ЕУ, ЗЕЛС, администрацијата од 25 ЕЛС и голем број социјални професионалци и даде голем придонес во подобрување на социјалната заштита и развој на квалитетни социјални услуги на локално ниво.
За време на првата пленарна сесија, тркалезната маса “„Модернизирање на социјалните услуги– како понатаму?“, свои излагања имаа г-дин Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјална политика,г-дин Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ, г-а Санела Шкриељ, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Горан Герасимовски, градоначалник на општина Центар, г-дин Ромел Велев, претсдател на Црвен Крст на Република Северна Македонија и г-а Мариа Маринаку, тим лидер на проектот. Оваа сесија беше модерирана од страна на г-дин Нафи Сарачини, проектен менаџер во ЕУД.
Сесијата беше посветена на промените, прогресот, постигнати резултати на проектот и неговиот придонес во реализација на социјалната реформа, деинституционализацијата, лиценцирање на давателите на услуги и развој на мрежа на даватели на услуги на локално и регионално ниво.
Заменикот министер Енвер Хусејин нагласи дека тимот од Министерството за труд и социјална политика заедно со тимот на проектот изминативе три години вложи многу напори и енергија за воспоставување и унапредување на знаењата, компетенциите и практиките на сите засегнати страни во социјалната заштита. Од соработка и интензивна комуникација со донесувачите на одлуки, со креирање на процеси важни за остварување на социјалните услуги , се до зајакнување на вештините за практична примена на законската и подзаконските регулатива.
„Со сите предизвици со кои се соочивме изминативе неколку години, рамо до рамо со колегите ги баравме решенијата и ги надминувавме пречките, во интерес на граѓаните, децата и нивните семејства, следејќи ги пропишаните чекори во националните документи. Во име на Министерството за труд и социјална политика, сакам да и се заблагодарам на Делегацијата на Европската Унија за поддршката со вакви и останати проекти кои навистина му помагаат на Министерството за труд и социјална политика во реализација на зацртаните стратешки и програмски цели, “истакна Хусејин.
Градоначалникот Герасимовски се осврна на социјалните проекти што ги спроведува Општина Центар, преку кои граѓаните добиваат добри услови за живеење, без разлика на нивната вера, националност и социјален статус.
„Ние во Центар сме особено горди на проектот ‘Нега на стари лица во домашни услови’. Општина Центар е првата општина што излезе со вистински чекор и конкретна активност за нашите највозрасни сограѓани. Преку соработка со граѓанската организација ‘Хуманост’, лиценцирани негуватели на највозрасните жители на општината им даваат нега 3 пати во неделата по 2 часа при извршување на своите секојдневни домашни обврски. Многу набргу ќе почне со работа и Сервисот за одмена на семејната грижа, кој ќе биде плод на уште една соработка со нашите партнери од УНДП. Корисниците на овој сервис ќе добиваат 24-часовна грижа најмногу 15 дена во годината. Карактеристично за сервисот ќе биде и тоа што негувателите што ќе бидат вклучени во проектот ќе имаат обуки и за лица со Алцхајмерова болест и деменција“, изјави Герасимовски.
Претсдателот на Црвениот Крст на РСМ, проф д-р Ромел Велев ги потенцираше воспоставените социјални услуги за нега и помош на старите лица и лицата со попреченост во националното друштво, со кои се офатени голем број на ранливи целни групи на население. Тој особено го истакна континуираното инвестирање во испорака на квалитетни услуги до крајните корисници и воведувањето на иновативни развојни социјални услуги како што се услугата „Итно копче“ наменета за помош на стари лица и лица со попреченост, наменскиот транспорт на лица кои се во неживото загрозувачка состојба, како и идни планови за отворање на социјално медицински центар.
Во вториот дел од настанот се одржаа две работилници, проследени со доделување сертификати на успешните социјални професионалци.
Првата работилница, насловена „ Зајакнување на социјални услуги“ беше посветена на социјалната реформа, имплементација на стратегијата за деинституционализација, воспоставувањето на микро систем за мониторинг и евалуација, потребата од продолжување и воспоставување на макро и национален систем за мониторинг и евалуација, лиценцирањето на давателите на социјални услуги, предизвиците, научените лекции и постигнатите резултати.
Сесијата ја модерираше Ива Михајловска, Советник за попреченост во МТСП, а свои излагања имаа Анкица Ивановски, раководителка на ИПА Секторот при МТСП, Владимир Лазовски, СОС Детско Село Македонија и Александра Георгиевска експерт за М&Е во рамките на проектот.
Втората работилница „Зајакнување на локалните капацитети“, ја модерираше Дрита Аслани раководител на секторот за децентрализација и развој на социјалните услуги на локално ниво во МТСП, а свои излагања имаа Благородна Шопова од ЗЕЛС, Наташа Димевска, шеф на кабинетот на Министерот за труд и социјална политика и г-а Билјана Дуковска, експерт за развој на локални планови. Се дискутираше за развиените социјални услуги на локално ниво, потребата од развој на локални социјални планови, креирање на социјални совети, поостојано зајакнување на капацитетите на сите засегнати страни на локално и национално ниво.
Во продолжение на настанот се обрати тим лидрката на проектот, Марија Маринаку и беше прокажан документарниот филм „Беласица“., како инспиративна проказна за потребата и придобивките од деинституционализацијата.
За крај, на симпозиумот, на успешните и целосно ангажирани социјални профеционалци им беа доделени и напредни сертификати за учество на основни или на напредни обуки за развој на социјални услуги, реализирани во рамките на проектот, како и сертификати за учество во пилотирањето на системот за мониторинг и евалуација и развој на социјални услуги на локално ниво.
Паралелно со симпозиумот, во х. Мериот се одржа и саемот на лиценцирани даватели на социјални услуги. Петнаесетина организации, даватели на социјални услуги имаа можност да ги претстават своите производи, дела и услуги кои ги даваат за своите корисници. Воедно, саемот беше можност да вмрежат за идна заедничка работа во областа на социјалната заштита.