Тркалезна маса „Трансформирање на општеството: Заедница за сите“ – прв ден

По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во координација на четирите проекти кои помогнати од ЕУ го поддржуваат спроведувањето на реформите за деинституционализација на социјалните услуги, на платформата Зум се одржа Тркалезната маса „Трансформирање на општеството: Заедница за сите“.

На првата сесија, насловена „Тековна состојба: Институционален одговор“ се обратија Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Северна Македонија, Томица Стојановски, претседател на Националниот совет на инвалидските организации, Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерка за образование и наука, Венко Филипче, министер за здравство, Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија и Росана Дуџиак, Постојан претставник на ОН во Северна Македонија.

„Се водевме со идејата дека инклузијата не подразбира сожалување, ами заедништво и сојузништво, пред се правичен и достоинствен третман во секојдневниот живот“ истакна премиерот Зоран Заев.

Томица Стојановски, претседател на Националниот совет на инвалидските организации нагласи дека македонското општество сеуште гледа со предрасуди на лицата со попреченост.

„Иако постои одреден напредок во намалувањето на предрасудите на лицата со интелектуална попреченост, за жал мора да укажеме дека сеуште постои висок степен на предрасуди во нашето општество. Потребни се континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост“ нагласи во своето обраќање Стојановски.

„На попреченоста треба да се приоѓа како на човеково право, а не како медицинска дијагноза. Борбата против дискриминацијата по секој основ, вклучувајќи ја дискриминацијата заради попреченост продолжува со имплементација на Законот за заштита и спречување на дискриминација“ смета Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Вториот дел од тркалезната маса, насловен „Лични сведоштва: Како деинституционализацијата ми го смени животот“ беше посветен на давателите и корисниците на социјални услуги.

„Промената е прекрасна, чувството е убаво… смиреност, спокојство. Одлучуваш самиот за себе, што сакаш да јадеш, што сакаш да правиш, со кого сакаш да се видиш. Искрено, со еден збор не може да се опише, туку треба да се доживее“ сподели Фанка Динова, поранешна корисничка на Заводот за рехабилитација Бања Банско, а денес живее во своја куќа.

„Работев 12 години во специјален завод, сега работам во мал групен дом во Неготино. Разликата е огромна. Нема зборови што можат тоа да го опишат. Сега можеш да ги видиш потребите на секое дете“ Родна Андонова, асистентка за живеење со поддршка и поранешна негувателка во институција.