Во Велес отворен нов групен дом за лица со попреченост
Денеска, и официјално, беше отворен првиот мал групен дом за лица со попреченост во Велес. Во оваа нова единица за живеење со поддршка се сместени пет поранешни корисници на Специјалниот завод Демир Капија, а за нив дваесет и четири часовна грижа ќе обезбеди тим од негуватели и стручни соработници од „Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченост – Велес“. Здружението ќе ја обезбедува грижата преку пет лични асистенти, еден физиотерапевт и еден социјален работник.
Домот за живеење на лица со попречености во Велес е финансиски поддржан од ЕУ преку проектот “Заедно за повеќе можности и поддршка” – ТИМОР, кој го спроведуваат Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (ЦеПроСард), Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Заводот „Демир Капија“, општина Демир Капија и Фондацијата Лоза.
Со станбената единица ќе раководи приватниот давател на услугата живеење со поддршка во заедницата за лица со попреченост – Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, кој се стекна со овластување за лиценциран давател на овој тип на услуги од страна на МТСП и ќе им пружи на корисниците нега, грижа, подобро секојдневие и вклучување во општествениот живот.
Претседателката на Здружението, Далиборка Златева, најави дека во рамките на овој проект ќе отворат уште четири вакви домови, од кои еден е подготвен и наскоро ќе стартува во Градско.
На отворањето, Стефан Худолин, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија истакна „Овие нови мали групни домови ги претставуваат моделите и најдобрите практики за одговор на потребите на лицата со попреченост. Овие домови се јасен пример кој покажува дека лицата со попреченост немаат некои посебни потреби и не бараат посебен третман во институциите. Единствена е потребата да бидат еднакво третирани. Општеството мора да се бори против дискриминацијата, а различноста да ја гледаат како позитивен момент“.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека со отворањето на овој дом во Велес продолжува деинституционализацијата на лица од Специјалниот дом од Демир Капија. Според министерката спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, и во услови на пандемиска реалност, е еден од врвните приоритети на Министерството за труд и социјална политика.
„Со деинституционализацијата на лицата со попреченост се овозможува инклузија на лицата и воедно се дава шанса тие да дадат свој придонес во општеството. Треба да ги заборавиме и да ги отстраниме сите предрасуди, стереотипи поврзани со лицата со попреченост. Малиот групен дом на новите станари им дава можност да се чувствуваат рамноправни жители на заедницата бидејќи домот во кој живеат, не се разликува по ништо од оној на соседите. Тие веќе имаат секој своја соба, свое шкафче и свое интимно катче. Поради задоволството, условите и грижата што ја видов овде, за овие лица, ние ќе продолжиме со истата посветеност, затоа што сме убедени дека никој не смее да живее на маргините од општеството. Деинституционализацијата е долгорочен процес и бара континуирани напори и посветеност, но истовремено не доближува до европските практики и стандарди на полето на социјалната заштита,“ рече министерката Тренчевска.
На отворањето присуствуваа и наште претставници Марија Маринаку, тим лидерка на проектот и Бојан Петак, директор на проектот. Проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ го координира спроведувањето на проектите поддржани од ЕУ кои работат на деинституционализација и осовременување на социјалните услуги во земјава.
Деинституцонализацијата започна во 2017 година, кога во резиденцијалните социјални установи во земјата беа сместени повеќе од 480 корисници – деца и возрасни, со и без попреченост. Денеска во овие установи има помалку од 240 лица, но ниту едно дете под 18 годишна возраст.
Препорачани прилози
Симпозиум „Реформи за промена“
22/12/2022