10-ти Глобален ден за подигнување на свеста за пристапност
Денеска, 20 мај 2021 година, сакаме да го свртиме вашето внимание на 10-от Глобален ден за подигнување на свеста за пристапност (ГДПСП). ГДПСП беше лансиран во мај 2012 година, со цел да се зголеми свеста за важноста на дигиталната пристапност.
Во денешниот модерен свет, сè повеќе комуницираме меѓу себе, но и со општеството преку дигитални, интернет канали. Комуницираме преку електронска пошта и електронски разговори, плаќаме сметки, нарачуваме храна, се забавуваме, бараме работни места, ги искажуваме своите мислења, се информираме и едуцираме, пристапуваме до нашите здравствени податоци, финансиски податоци и можеме скоро секоја социјална интеракција да ја направиме дигитално. Интернетот стана портал за нашето секојдневно функционирање.
За жал, не забележуваме дека интернет услугите и податоците не се лесно пристапни за сите, а тоа им отежнува на лицата со попреченост да добијат еднаков пристап до ресурси и функционалности на интернет. Корисниците со попреченост имаат различни видови потреби. Луѓето со оштетен слух имаат потреба од текст за да следат видео содржина, а корисниците со оштетен вид мора да користат читачи на екран или алатки за зголемување. Луѓето со пречки во учењето, како и корисниците кои пристапуваат до содржини на јазик што не е нивен мајчин јазик, можат да имаат корист од материјалите за лесно читање.
Доколку не ги земеме предвид потребите на лицата со попреченост за целосен пристап до дигиталниот свет, ние создаваме уште една пречка за нив, исто како физички бариери или проблеми со транспортот.
Дигиталната пристапност им гарантира на корисниците со попреченост што влијае на нивниот вид, слух, сознание и / или моторни функции да имаат исто искуство и пристап до информации или дигитални производи како и сите други корисници. Во едно модерно општество, дигиталната пристапност е алатка за елиминирање на бариерите што го ограничуваат пристапот на една личност до информации за правата, социјалните услуги, работните места, домувањето, граѓанско или политичко учество и многу повеќе, а во исто време, може да биде клуч кон создавање на инклузивно општество.
Проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ го поддржува Министерството за труд и социјална политика во јавната комуникација прилагодена на корисниците со обезбедување лесно читливи и достапни материјали и информации за правата ма корисниците на услугите дневна нега, домашна нега, итн.
Силно веруваме дека секој корисник заслужува квалитетно дигитално искуство на Интернет. Лицата со попреченост мора да имаат пристап и да ги искусат сите интернет-базирани услуги, содржини и други дигитални производи и преку нив целосно да пристапуваат до услугите и можностите што ги нуди општеството.
Повеќе информации можете да најдете на интернет страните на Глобалниот ден за подигнување на свеста за пристапност, Европската агенција за специјални потреби и инклузивно образование и Инклузивност Европа.
Може да ги преземете
Препорачани прилози
Симпозиум „Реформи за промена“
22/12/2022