Инвестирање во локални социјални услуги-Тркалезна маса и „World café“ настан за споделување искуства

Поддршка за развој на одржливи и квалитетни социјални услуги во локалните заедници според потребите на граѓаните и размена на искуства и практики меѓу општините, како даватели на социјални услуги, беше главна тема на настанот „Инвестирање во локални социјални услуги“ , кој се одржа денеска во хотелот Мериот.

Децентрализацијата и модернизацијата на социјалните услуги во заедницата е во срцето на Законот за социјална заштита (ЗСЛ), кој веќе се применува три години. Воспоставени се многу нови социјални услуги на локално ниво, посебно во сферата на услуги во домот, кои не се рамномерно географски распространети, и мнозинството општини и локални власти допрва треба да се вклучат во овој процес.

Министарката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во своето обраќање нагласи дека развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градењето на заедницата. Затоа, локалните самоуправи како први меѓу еднаквите на подрачјето на кое делуваат заедно со своите партнери од граѓанските организации се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани.

“Како поддршка на овој процес Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период спроведе активности за поддршка на општините во изработка на Локалните социјални планови, а дополнително се изготвени и Прирачник за зајакнување на капацитетите за социјална заштита на локално ниво, Упатство за функционирање на општинските совети за социјална заштита, Прирачници и Упатство за функционирање на советите за социјална заштита на планските региони како и  Водичот за лиценцирање на даватели на социјални услуги во заедницата. Сите овие документи се изготвени да го олеснат и подобрат процесот на развојот на социјални услуги во заедницата и се достапни на веб страната на Министерството за труд и социјална политика.” рече Тренчевска.

Преку донаторска помош, осумнаесет општини развија, или се во фаза на развивање, Локални социјални планови, а дополнителни 24 општини поддржаа развој на нови даватели на социјални услуги, од кои 15 даватели на услугата за  помош и нега во домот и еден Центар за дневен престој на деца со попреченост , а развиени се и 10 нови даватели на услуги во делот на помош и нега и одмена на семејна грижа.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Нафи Сарачини, нагласи дека поддршката на ЕУ за МТСП е голема и ќе остане така и во иднина. Тој истакна дека во Унијата постојат различни методи на координација во сферата на социјалните услуги, но политиките на членките се индивидуални, а се водат според заеднички принципи. Еден од тие принципи е и принципот на  недискриминирачка социјалната асистенција, а тоа значи да е пристапна таму каде што е најпотребно, т.е. на локано ниво.

Според него деинституционализацијата и децентрализацијата се главни принципи за успешни реформи и воведување социјални услуги во заедницата. Тој потсети дека Унијата ги поддржува и политиките за младинско вработување и социјалениот дијалог на локално ниво, а исто така ЕУ обезбеди и директна поддршка на физичките капацитети на центрите за социјална работа.

Сарачини најави дека во ИПА 3 е предвидена поддршка за развивање и воспоставување успешен систем на мониторинг и известување во спроведувањето на социјалните услуги.

„Од аспект на европската помош, најголем напредок се гледа во социјалната сфера. Се надевам дека интересот за унапредување и подобрување на социјалните политики ќе остане и понатаму, со поддршка од ЕУ.“ рече Сарачини.

„Општина Демир Капија од почеток е силен поддржувач на деинституционализацијата и децентрализацијата на социјалните услуги. Посветено работиме на развивање социјални услуги за потребите на аедницата.

Во иднина ќе ги поддржиме веќе воспоставените услуги, а ќе развиваме и нови услуги, предвидени во Локалниот социјален план. Планираме Демир Капија да биде еден од најразвиените центри за цосијални услуги во заедницата.“ истакна градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров

„ЗЕЛС од скоро, од пред две и пол години, почна подлабоко да работи со општините во сферата на социјалната заштита. Развиваме планови, градиме капацитети на општините, овозможуваме разни други услуги преку најразлични проекти со донаторска помош.

Многу е нормално општините и најдобро и најбрзо да знаат што се случува и кои се потребите на нивните граѓани. Оттаму сметаме дека е потребна функционална децентрализација во социјалната сфера.“ рече Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС.

Далиборка Златева од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес ја претстави социјалната услуга „живеење со поддршка“ која веќе половина година функционира во општината.

Златева сподели дека одамна сакала да работи и да се занимава со нешто слично, инспирирана од грижата на родителите и најблиските на лицата со попреченост, и нивниот најголем страв „што ќе биде со моето дете?“. Услугата „живеење со поддршка“ ја решава таквата грижа на биоошките семејства.

„Сега имаме можност преку овие реформи, поддржани од ЕУ и МТСП, да ја обезбедима вaквата услуга, но клучен фактор за воспоставување на социјалните услуги во заедницата се и општините.“ нагласи Златева.

Вториот дел од настанот, со учество на шеесетина претставници од општините и даватели на социјални услуги, беше посветен на размена на искуства меѓу претставници од 22 општини, според методологијата „World Café“. Ова е првиот, од планираните три настани, кои ќе ги поддржат локалните самоуправи да ги мапираат локалните потреби и постоечките социјални услуги, да развијат локални социјални планови и нови услуги во заедницата,  да ги идентификуваат давателите на социјални услуги и да понудат одржливост и понатамошен развој на веќе воспоставени услуги кои во моментов се финансираат преку грантови.

Настанот го организираше проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ финансиран од ЕУ, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Европската делегација, во соработка со ЗЕЛС.