Национална кампања за подигање на јавната свест „Ставете нѐ на вашиот ѕид”

За „невидливите“ попречености

Во пресрет на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, три проекти финансирани од Европската Унија во Северна Македонија, кои во моментов го поддржуваат воспоставувањето на социјални услуги во заедницата и спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација, заедно ја спроведуваат кампањата за подигнување на јавната свест „Ставете нѐ на вашиот ѕид”.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува веќе 29 години, од далечната 1992, со идеја да ги промовира, но и да не потсети на правата и благосостојбата на лицата со попреченост во сите сфери на општеството и да ја зголеми свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

Се смета дека, на глобално ниво, повеќе од 1 милијарда луѓе живеат со некаква попреченост. Тоа значи дека 1 од секои 7 лица има попреченост. Генерално, тие имаат послабо здравје, пониски образовни достигнувања, помалку економски можности и повисоки стапки на сиромаштија од луѓето без попреченост. Ова во голема мера се должи на недостигот на достапни услуги (како информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), правдата или транспортот) и многуте пречки со кои се соочуваат во секојдневниот живот, а се во различни форми, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на физичката средина, или оние кои произлегуваат од законодавството или политиката, или од општествените ставови или дискриминација.

Нашите заеднички напори годинава се насочени подигање на јавната свест за т.н. „невидливи“ попреченост. Не сите попречености се надворешно видливи или лесно препознатливи. Според американското Здружение на невидливи попречености, едноставно кажано невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која не е видлива однадвор, но сепак може да ги ограничи движењата, сетилата или активностите на една личност. За жал, самиот факт дека овие симптоми се невидливи може да доведе до недоразбирања, лажни сфаќања и пресуди од околината.

Како невидливи попречености се сметаат аутизам, хронична болка и тешкотии во учењето, како и состојби на ментално здравје, мобилност, говорни оштетувања и сензорна загуба како што се губење на видот, оштетување на слухот или глувост. Респираторни состојби како астма, хронични состојби како што се дијабетес, хронична болка и нарушувања на спиењето, кога значително влијаат на секојдневниот живот, се сметаат за невидливи попречености.

Проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, заедно со проектите „Поддржување на процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост од институцијата во Демир Капија во станбени единици за поддржано живеење – ОАСИС“ и „Добивање живот – Деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија – ПИН“ за кампањата соработуваше со уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула. Неговите дизајни во стилизирана форма отсликуваат неколку состојби на невидлива попреченост (дислексија, аутизам, биполарно растројство, Даунов синдром, дијабетес кај деца, наглувост).

Креативните и прекрасни дизајни се слободни за користење во електронска форма или сами да ги отпечатите. Доколку сакате да ги прочитате нашите пораки и да ги симнете постерите кликнете овде.

Луѓето кои живеат со невидливи попречености често се соочуваат со бариери во нивниот секојдневен живот, вклучувајќи недостаток на разбирање и негативни ставови. Тие, исто така, се една од најпогодените популации од пандемијата на КОВИД-19.

Искористете ја можноста сите да преземеме акција за да го направиме нашиот свет по инклузивен за секого!