Отворени две нови станбени единици за живеење со поддршка

Две куќи за групно домување денеска и официјално беа пуштени во употреба во Демир Капија и во Неготино. Во нив ќе бидат сместени девет лица со интелектуална попреченоста, досегашни станари на Специјалниот завод – Демир Капија.

Групните домови, како дел од проектот „Добивање живот – деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија“, претставуваат модел на независно живеење за лица со попреченост и се една од најдобрите практики за задоволување на нивните потреби.

Ова е втора единица што се отвора во Демир Капија, а Неготино веќе има три. Вкупно, Заводот води седум единици, од кои две во Скопје. Денес дом добиваат пет возрасни лица и четири деца, со 24-часовна поддршка на тим од стручни лица.

Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, истакна дека единиците за независно живеење се јасен пример кој покажува дека потребите на лицата со попреченост не се посебни и дека ним не им се потребни посебни третмани во институциите, нивната единствена потреба е да бидат третирани рамноправно. Тој нагласи дека ЕУ постојано и’ помага на Владата за јакнење на капацитетите на институциите и на јавните политики, подобрување на пристапноста на институциите и вработувањето и обезбедува системска поддршка на процесот на деинституционализација, се’ со цел лицата со попреченост да се вклучат во општеството

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на отворањето на станбените единици, потенцираше дека негувателите и стручните лица кои ќе работат со корисниците ќе можат да применат индивидуален пристап, да изградат однос со секој од нив, да ги разберат нивните потреби, но и да ги идентификуваат и зајакнат јаките страни и потенцијалите на корисниците. „Со процесот на деинституционализација овозможивме да нема ниту едно дете под 18 години,сместено во резиденцијална установа. Од првичната бројка од 480 корисници во овие установи, стигнавме до бројка помала од 250 корисници. Со поддршка на Европската унија и заедно со граѓанскиот сектор, градиме мостови на доверба во грижата за најранливите категории на граѓани,“ рече министерката.