Премиера на документарниот филм „Беласица“

Синоќа, во Кинотека на Република Северна Македонија, се одржа премиерата на документарниот филм „Беласица“. Филмот, чија продукција започна пред скоро една година, го следи и го доловува богатото секојдневие на живеењето во заедница, за луѓето кои го поминале најголемиот дел од својот живот во институции. Го следи секојдневието на Марица и жителите на Центарот за згрижување лица со интелектуална попреченост во Волково.

Марица е родена во Специјалниот завод во Демир Капија, од родители кои се запознале и живееле таму. Во Демир Капија живеела 28 години, а мајка ѝ до ден денес живее во заводот.

Марица ја напушти оваа институција во 2008 година, како една од првите жители што беа деинституционализирани. Сега живее во Волково, заедно со уште 43 лица со различни попречености, сместени во 5 куќи со 9 станбени единици, со кои управува организацијата Порака Неготино. Низ годините живеење во заедница, таа научи да чита и да пишува, и сега работи како негувателка на лица со интелектуална попреченост.

Филмот е во режија на Марија Апчевска, а во продукцијата беа вклучени кинематограферите Ѓорѓи Клинчаров и Фејми Даут, монтажерот Горан Вукич и дизајнерот на звук Игор Поповски. Во преполната кино сала, премиерата ја отворија Министарката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во РСМ.

Јованка Тренчевска, Министер за труд и социјална политика

„За мене, за нас, деинституционализацијата никогаш не значеше само проект и не е само една политика ова е емпатија, ова е грижа, ова е доказ дека сите ние сме исти. Верувам дека емоцијата која што го обојува овој филм ќе биде потврда за се ова што го кажувам. Патот од ден до ден кај сите нас е ист! Кога ги овозможивме и истите услови и можности докажавме дека достоинството и правата на сите наши граѓани се на прво место“ рече Тренчевска. Министерката посочи дека и претставува гордост тоа што реформата се документираше преку филмот „Беласица“ и дека се документирани моментите на развивање на најголемата социјална реформа во државата.

Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ во РСМ

Во своето обраќање Амбасадорот, Дејвид Гир посочи дека документарецот „Беласица“ е продуциран преку проект кој што го финансира Европската Унија и ја поддржува модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните сервиси. „Во изминатите три години, проектот им помагаше на релевантните институции да ги адресираат потребите на лицата со попреченост и да ја подигнат јавната свест за тие потреби“ рече Гир. Тој додаде дека екипата која што стои позади овој филм сведочи на тоа дека единствено нешто што е важно за лицата со попреченост е тоа тие да бидат третирани подеднакво.

Марија Маринаку, тим лидер на проектот

Тим-лидерот на проектот Марија Маринаку која го модерираше настанот, откако им се заблагодари на сите вклучени во создавањето на „Беласица“ рече: „Пред една година со Марија и остатокот од тимот, тргнавме на патување кое имаше визија и принципи: почит кон животите на луѓето кои долго време живееле во институции и сега живеат во заедница и етика на начинот на кој им пристапуваат на нивните животи. Етика која ги надминува поделбите на „Ние и Тие“ и ни овозможува да размислуваме за важноста на еднакви права за сите“

Во 2018 година, во Северна Македонија беше усвоена Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“. Во 2022 година нема повеќе деца во институциите, а процесот на преселување на преостанатите возрасни лица е во тек.

Документарниот филм Беласица ги доловува придобивките на деинституционализацијата и ја открива моќта на заедницата да обезбеди сите да имаат еднакво право на едноставните работи кои нудат шанса за среќа.

Филмот е продуциран во рамките на проектот “Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, кој го реализира Ептиса во соработка со КАРЕ, со финансиска поддршка од Европската Унија, во корист на Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија.