Продолжуваат активностите на МТСП за децентрализација на социјалните услуги

Министерството за труд и социјална политика вчера, 23 февруари 2021, склучи Договори за грант за развој на социјалните услуги на локално ниво со општините Делчево и Кочани. Како дел од реформата за децентрализација на социјалните услуги на локално ниво, Министерството до сега има склучено 19 договори за поддршка на социјалните услуги во заедницата, со кои се опфатени 26 општини. Вкупно се предвидени 24 договори со општините кои аплицирале за оваа намена.

„Целта е согласно социјалната реформа, услугите да ги доближиме до граѓаните, во местото на живеење, нивните домови, нивната средина, руралните средини, онаму каде што е потребна. Со денешните договори, Општина Кочани во партнерски однос со општинската организација на Црвениот крст, ќе ја дава услугата помош и нега на стари и немоќни лица во нивните домови, додека пак Општина Делчево заедно со невладината организација „Бравура Кооператива“ овозможува давање на услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со посебни потреби,“ истакнува министерката Шахпаска.

Минатата недела, во населбата Железара, Општина Гази Баба, започна со градба Дневен центар за деца со интелектуална и телесна попреченост и Центар за сензорна интеграција. Дневниот центар ќе работи како регионален центар за згрижување на деца од целиот град, со поддршка на три општини, Гази Баба, Бутел и Илинден, додека Центарот за сензорна интеграција е наменет за децата со посебни образовни потреби од детските градинки и основни училишта од општина Гази Баба. Овие активности се дел од социјалната реформа за деинституционализација и обезбедување услуги во заедницата.