Работилницата: Кодекс на граѓанските организации

Неформалната платформа за транспарентност и отчетност, која е составена од 30 граѓански организации, на 10 март 2021, одржа работилница за подготовка на Кодекс на граѓанските организации. Подобрување на внатрешното работење, наметнување добар стандард во секторот и поттик за постојано подобрување на организациите што ќе доведе до зголемување на довербата на граѓаните и донаторите во граѓанските организации се клучните придобивки за организациите од воспоставувањето и прифаќањето на Кодексот.

Мариа Маринаку, тим лидер на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ ја потенцираше важноста на квалитетот на услугите при давањето социјални услуги. Според неа, државните институции веќе ги препознаваат граѓанските организации како даватели на услуги. Покрај тоа, организациите во голема мера им даваат поддршка на групи граѓани и работат на заштита на нивните права и слободи. Затоа, особено е важно е идниот Кодекс да се фокусира на крајните корисници. Маринаку презентираше три модели за квалитет во давањето на социјални услуги кои се применуваат во Европската Унија.

Учесниците сметаат дека Кодексот е одлична можност, појдовна точка за граѓанските организации да го промовираат своето добро внатрешно работење и сервисите со кои тие располагаат. Документот не треба да биде декларативен, напротив, организациите треба да го применуваат, ревидираат и надополнуваат. Најбитно е, организациите (без разлика на нивното искуство и големина) да се залагаат за исполнување на принципите на етичкиот кодекс.