Водич за лиценцирање даватели на социјални услуги
Со идеја да се олесни процесот на лиценцирање на потенцијалните даватели на услуги, Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ подготви сеопфатен и практичен Водич за лиценцирање даватели на социјални услуги.
Насекаде низ светот лиценцирањето на давателите на социјални услуги води до развој на социјалните услуги во заедницата според потребите на различни категории граѓани и постепено воспоставува подобар квалитет на социјални услуги.
Лиценцирањето ги поставува нормативите, стандардите, правата и одговорностите на давателите на социјалните услуги што треба да ги исполнат за да се лиценцираат како вршители на дејност од социјална заштита и да ја даваат социјалната услуга. Исто така, со лиценцирањето се следи и врши контрола над обезбедувањето на социјалните услуги согласно исполнетите услови, како што се просторните услови, опремата, кадарот, утврдени со лиценцирањето, како и надзор над остварувањето на правата на граѓаните како корисници на социјалните услуги.
Од 2019 година, како дел од реформските процеси во системот на социјална заштита се овозможи социјалната заштита да се обезбедува преку здруженија, правни и физички лица како лиценцирани даватели на социјални услуги кои можат да бидат и овластени даватели на социјални услуги, со цел вршење дејност на социјална заштита од јавен интерес и обезбедување на социјални услуги во домот, услуги во заедницата, услуги на вонсемејна заштита, услуги на советување, стручна помош и поддршка и услуги на информирање.
Целта на овој водич е да го поддржи и олесни процесот на лиценцирање на давателите на социјални услуги. Водичот дава детални инструкции за секој чекор во постапката за лиценцирање, како и информации за процесите и обврските по стекнување на лиценцата.
Секој потенцијален давател или лиценциран давател на социјална услуга има можност да се запознае и информира за:
1. Постапката за лиценцирање,
2. Чекорите што се потребни за да се стане лиценциран давател на социјална услуга,
3. Потребни документи и како да се подготват кога се поднесува барање за добивање дозвола за вршење работи од социјална заштита,
4. Корисни информации при постапката за лиценцирање и неопходни чекори кои треба да се спроведат пред да се поднесе барање до Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при Министерството за труд и социјална политика,
5. Што е потребно да се спроведе откако ќе се издаде Решение за добивање на дозвола за вршење работи од социјална заштита, и
6. Права и обврски на лиценциран давател на социјална услуга.
Покрај тоа, Водичот има повеќе прилози кои како препорачани обрасци може да ги користат потенцијалните даватели на социјални услуги при подготовка на документите што се приложуваат кон Барањето за издавање дозвола за вршење работи од социјална заштита.
За да се обезбеди квалитетна социјална заштита потребно е да се поттикне лиценцирање на што поголем број даватели на социјални услуги на локално ниво кои ќе обезбедат разновидни, сеопфатни, квалитетни, интегрирани услуги за социјална заштита од јавен интерес согласно потребите во заедницата.
Во подготовката на водичот учествуваа Анкица Ивановски, претседател на Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги во Министерството за труд и социјална политика и останатите членови на Комисијата; Марија Маринаку, раководителка на тимот на проектот; Билјана Дуковска и Сашко Јованов, експерти за социјална заштита, Бојан Петак, проектен директор и Каролина Фрисенете-Фик, експерт за поддршка за имплементација на проектот.
Голема благодарност до Делегацијата на Европската Унија и Europe House Скопје кои ги позајмија сите фотографии во овој водич, а кои беа дел од изложбата на фотографии „Ти изгледаш прекрасно денес!“ организирана по повод Денот на човековите права во 2021 година. Изложбата се одржа во трговскиот центар East Gate, Скопје во периодот од 10/12/2021 до 10/01/2022.
Водичот за лиценцирање ќе го најдете на интернет страницата на МТСП https://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/guide-ebook.pdf?fbclid=IwAR3w-ZlNLFzg97qLPc06s3Vu_PJ_ozLhTq7aGIsbeqmpTcAfYSBDvMykG8Q, или можете да го читате онлајн на https://www.eptisasee.com/wp-content/uploads/guide/.
Препорачани прилози
Симпозиум „Реформи за промена“
22/12/2022