Заеднички настан за одбележување на 3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

Работната група 5- Видливост, информации и свесност при ДИ-Координација, организира заеднички настан по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Дводневната тркалезна маса „Трансформирање на општеството: заедница за сите“ ќе се одржи на 3 и 4 декември 2020 година.

Целта на настанот е да ја информира јавноста за придобивките од обезбедувањето вклученост и активно учество на лицата со попреченост во општеството, да информира за релевантните јавни политики насочени кон промовирање на вклученост и активно учество на лицата со попреченост и да ги одбележи партнерства и заеднички напори на сите вклучени актери од различни сектори во напорите за промовирање на активното учество на лицата со попреченост.

Тркалезната маса, преку интернет, ќе биде организирана од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), во соработка со Владата на Република Северна Македонија, Националното координативно тело за спроведување на правата на лицата со попреченост и Делегацијата на Европската унија . Настанот ќе се емитува во живо, со активно учество од претставници на владата, лични сведоштва од лица со попреченост и нивните семејства, даватели на социјална грижа и претставници на проекти за поддршка на реформата за деинституционализација.