Продолжува поддршката за општините за развој на локални социјални планови

Функционалната модернизација на социјалните услуги, како и деинституционализацијата, се невозможни без обезбедување услови за воведување нови услуги на локално ниво. Предуслов за тоа се подготвени општини кои имат јасна слика за потребите на граѓаните и можат да го планираат и реализираат воведувањето квалитетни социјални услуги според потребите на заедницата.

Од последните промени на Законот за социјална заштита, во претходните три години воспоставени се многу нови социјални услуги на локално ниво, посебно во сферата на услуги во домот, но тие не се рамномерно географски распространети низ целата држава, и мнозинството општини и локални власти допрва треба да се вклучат во овој процес.

Со поддршка од проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ во периодот 2020 – 2021 единаесет (11) општини: Битола, Велес, Крива Паланка, Штип, Демир Капија, Чучер Сандево, Кавадарци, Струмица, Пробиштип, Кочани и Делчево, развија среднорочни Локални социјални планови (ЛСП) како патокази за подобрување на социјалните услуги во заедницата и воспоставување или проширување на социјалните услуги на локално ниво. Главна цел на ЛСП е да се согледа актуелната демографска и социо-економска состојба во општината, и врз основа на тоа да се креираат и поддржат локални политики што се засноваат и одговараат на потребите на сите жители на општината.

Проектот обезбедува помош за општините низ процесите и алатките за мапирање на состојбите и потребите, содржината на локалните социјални планови, и обезбедува градење на локалните капацитети за планирење и реализација на плановите.

Во втората фаза на поддршка на општините, која започна во 2022 година, се приклучија осум нови општини: Македонски Брод, Куманово, Прилеп, Центар Жупа и четири општини од Скопскиот регион: Кисела Вода, Ѓорче Петров, Центар и Чаир. Во овие општини во тек е процесот на мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи во општината, анализа на капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјални услуги во општината.

Општините Куманово и Центар од Скопје, преку јавни повици, отворија широк консултативен процес за идентификување на потребите на граѓаните од развој на социјални услуги и ги повикуваат сите заинтересирани здруженија на граѓани, установи, физички и правни лица кои работат на поле на социјалната заштита, како рамноправни партнери, да дадат свој придонес во подготовката на ЛСП, преку доставување иницијативи, идеи и предлози за развој и унапредување на социјалната заштита на локално ниво, согласно потребите на граѓаните кои се наоѓаат во социјален ризик.

Повеќе детали за јавните повици ќе најдете на:

Општина Куманово https://kumanovo.gov.mk/%d0%b8%d0%b7%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%be%d0%b2%d0%bb%d0%b0%d1%81%d1%82%d0%b5%d0%bd-%d1%80%d0%b0%d0%ba%d0%be%d0%b2%d0%be%d0%b4%d0%b8%d1%82%d0%b5%d0%bb-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b5%d0%ba-2/?fbclid=IwAR3q23TUQQGFFA4r6_zdXmPFdwGSM5anG-wSlTW606pYtI8uwLNVBeTHZfM

Општина Центар https://www.centar.gov.mk/?p=15370

Во оваа втора фаза, Проектот едновремено започна пренесување знаења и искуства за подготовка на локални социјални планови и за останатите општини во Република Северна Македонија кои досега не биле вклучени во овој процес. Преку јавни настани за претставници од општините и даватели на социјални услуги, посветени на размена на искуства според методологијата „World Café“, проектот ќе ги поддржи општините да ги мапираат локалните потреби и постоечките социјални услуги, да развијат локални социјални планови и нови услуги во заедницата,  да ги идентификуваат давателите на социјални услуги и да понудат одржливост и понатамошен развој на веќе воспоставени услуги кои во моментов се финансираат преку грантови.